Пожар избувнал на глисер во каналот Студенчишта. Само што бил стартуван моторот во пловниот објект избил оган кој брзо се проширил. Во глисерот имало едно лице кое не е повредено.
Со брза реакција на противпожарната единица од Охрид пожарот е изгаснат и спречено е евентуално ширење на други пловни објекти во каналот.
Настанот е пријавен во СВР Охрид околу 10:30 часот, запален пловен објект глисер кој се спуштал во каналот Студенчишта. При тоа дојдоено е до запалување. Повредени лица нема. На местото на настанот излегоа полициски екипи од СВР Охрид, Езерската полиција од Армискиот центар за обука на вода и од ТППЕ Охрид кои пристапиле кон гасење, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Од ТППЕ Охрид информираат дека интервенирано е со едно возило и четворица пожарникари.
Во недостиг на прописна марина каналот Студенчишта е место каде се паркираат најголемиот дел од пловните објекти во Охрид. Таму се точи гориво, се вршат поправки, се спуштаат и подигаат пловила. Тоа носи и опасности од несакани последици како при денешниот инцидент во кој, за среќа, нема повредени, но предизвикана е материјална штета.
Увидот ќе треба да ги констатира причините за овој немил настан.
Г.М.