Во текот на последните 24 часа на Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани 15 нови пациенти сомнителни за инфлуенца А (Х1Н1), додека на инфективното одделение во Воената болница се згрижени уште три пациенти, сомнителни за инфлуенца А Х1Н1, соопшти Министерството за здравство.

Сите новопримени пациенти се во стабилна здравствена состојба и се лекуваат од потешка форма на пневмонија. Во моментот на Клиниката се хоспитализирани вкупно 109 болни, додека во Воената болница се лекуваат 42 пациента со симптомите на новиот тип на грип.

На Клиниката за детски болести во Скопје во изминатото деноноќие се хоспитализирани 20 нови пациенти, а како излекувани се испишани 17 деца. Таму во моментов болнички се лекуваат 71 пациент со симптоми на грип (на возраст од шест месеци до пет години). Сите новопримени пациенти се со полесна клиничка слика, освен четири деца, кои имаат потешка форма на пневмонија.

На Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле се лекуваат 43 деца.

Инаку од понеделник почнува бесплатната вакцинација против новиот грип за сите граѓани во заводите за здравствена заштита во Македонија, а лекот тамифлу ризичните групи бесплатно со рецепт од матичен лекар ќе можат да го подигнат од аптеките во здравствените домови, кои ќе работата 24 часа, одлучи Комисијата за пандемски грип. Засега  училиштата  нема да се затворат и нема да има предвремен распуст, а ќе бидат набавени доплнителни 80.000 вакцини.

Ohridnews