Се зголемува бројот на земјоделците евидентирани во Управата за јавни приходи (УЈП). До почетокот на ноември се регистрирани повеќе од 105.000, со што е надмината минатогодишната бројка од 89.000. Според УЈП бројот на регистрирани земјоделци до крајот на годинава се очекува уште повеќе да се зголеми, имајќи предвид дека крајниот рок за пријавување истекува на 31 декември.

Оние што оствариле вкупен приход до 1,3 милиони денари во 2011 година треба да поднесат барање за паушално плаќање персонален данок и пријава за регистрација до даночната канцеларија на Управата. Земјоделците, пак, кои во 2009 или 2010 година веќе се регистрирани, треба да поднесат само барање за паушално оданочување. Од персонален данок се ослободени само оние кои од производството на храна како основна дејност оствариле годишен приход до 300.000 денари. Тие се должни само да поднесат барање до УЈП.

На фармерите чија основна дејност им е земјоделството со остварени приходи поголеми од 300.000, а помали од 1.300.000 денари, ќе им биде пресметан данок само на 20% од приходот.
Изминатата година во УЈП најмногу прашања пристигнале од граѓани кои поседуваат земјоделски имот, а не остваруваат никаков приход од него. Тие, според Управата, треба да ја запазат постапката за регистрација и да поднесат пријава, зависно дали се регистрирани или не, а УЈП нема да ги задолжи со плаќање данок. Граѓаните, пак, кои вршеле продажба на сопствени земјоделски производи во некои од откупните центри, приходите кои им биле исплатени треба да ги пријават во Барањето за паушално оданочување заедно со останатите приходи остварени од вршење земјоделска дејност.

OhridNews