Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Охрид, во соработка со овластената фирма СУНИЛЕНС, денес, ја реализира втората фаза од „Пилот проектот за собирање на отпадно масло од домаќинствата“. На пункт на просторот на некогашниот полигон за мали спортови , домаќинствата на кои претходно им беа доделени канти за собирање на отпадното масло ги носеа полните канти, кои ги заменуваа со празни во кои ќе го собираат маслото во наредниот период.

Од секторот задоволни од одзивот на граѓаните. Како што велат- основната цел е постепено да се создаде навика кај домаќинките на овој начин да го третираат отпадното масло за готвење.

Претходно одзивот беше задоволителен при што беа собрани околу 50 литри масло што е добро со оглед на тоа дека станува збор за релативно нов пилот проект. Се надеваме дека при денешната втора акција одзивот ќе биде уште поголем. Намерата е да се создаде навика кај домаќинките да не го фрлаат маслото во канализација или во дворовите, туку да го третираат на овој начин со што ќе придонесат кон заштита на животната средина, вели Хавза Реџеп Какел од општинскиот Сектор за заштита на животната средина.

Пилот проектот за собирање на маслото од готвење од домаќинствата започна минатата година, што следуваше по успешната реализација на проектот за собирање на маслото од правните субјекти кој почна во 2009 година. Од рестораните во Охрид во текот на изминатите четири години собрани се  53 тони отпадно масло.

Како што објаснуваат од овластената фирма СУНИЛЕНС, која од МЖСПП има дозвола за собирање , складирање и третман на овој вид отпад, собраното отпадно масло понатаму се обработува и извезува во земјите од Европската унија, од кое потоа се изработува био гориво.

Презадоволни сме од одзивот особено од правните субјекти, секогаш сме подготвени да соработуваме и со останатите кои сеуште не го третираат маслото на овој начин. Добивме и Европски сертификат кој е единствен во Македонија, што значи дека овој вид отпад може да се изнесе во било која од европските држави, вели Игор Каевски од „Суниленс“.

Од секторот за животна средина потенцираат дека заинтересираните лица може секојдневно во просториите на секторот да се обратат и да добијат канта во која би го собирале отпадното масло од домаќинствата.

Т.К.

.