Македонскиот фудбалски првак Вардар ја оствари целта во Шведска ремизирајќи (1-1) со Малме во првиот натпревар од втората квалификациска рунда за пласман во групната фаза во Лигата на Шампиони.

„Црвено црните“ беа поблиску и до победата на првиот од двата дуели, бидејќи во текот на натпреварот имаа и водство со погодокот на Бобан Николов.

– Горд сум на моите играчи. Го остварија целосно она што го договоривме пред натпреварот, го оставија срцето на терен. Како што кажав и на првата прес конференција, дојдовме тука по добар резултат. Имавме шанси во првиот дел да постигнеме уште некој гол, но кога се ќе собере, задоволни сме од овој резултат. Дојде до мал пад во последните 20 минути, мала декоцентрација и примивме гол. Но, морам да нагласам дека ова на нас ни е прв натпревар сезонава, за разлика од нашиот противник кој што веќе е во полн натпреварувачки ритам и игра во шведскиот шампионат. Остануваат уште 90 минути да се одиграат, и шансите за пласман во следната фаза ни се реални. – рече тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.

Реванш натпревар се игра следниот четврток на стадионот „Младост“ во Струмица.

OhridNews