Скопските „црвено црни“ го срушија десетгодишното проклетство во квалификациите за пласман во Лигата на Шампиони поминувајќи ја втората фаза. Фудбалерите на Вардар го елиминираа Малме со триумфот во Струмица (3-1), откако првиот меч во Шведска заврши без победник (1-1).
– На моите претпоставени им дадов ветување дека ќе го поминиме Малме, а тоа ветување го исполнав. Честитките одат за моите играчи кои што одиграа импресивен натпревар против Малме. И после водството на противникот во првиот дел, им кажав дека можеме да дадеме гол и да ја анулираме таа предност. Успеавме да израмниме со голот на Грнчаров, а веднаш потоа дојде и вториот гол со кој се стекнавме со водство. Знаевме дека после нашата предност, Малме ќе нападне за да израмни, а ние чекаме шанса од противнапад да дадеме уште еден гол. Успеавме во тоа во финишот од средбата. Ова е голем успех за Вардар, за целокупниот македонски фудбал и уште еднаш честитки до момците, до раководството до сите кои што се заслужни за ова што го направивме. – рече Гоце Седлоски, тренер на Вардар.
Противник на „црвено црните“ во третата квалификациска фаза ќе биде подобриот од двомечот помеѓу Копенхаген и Жилина. Данците се на чекор од дуел со Вардар, бидејќи првиот меч го добија со 3-1, а вториот го играат пред своите гледачи.
OhridNews