Пред точно седум години во магливо утро на автопатот Белград – Загреб кај Нова Градишка, во тешка сообраќајна несреќа згасна животот на големата балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески.

Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјите од опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше.

Тоше беше голем хуманист и човекољубец, верник и почитувач на традицијата. За време на неговиот живот го започна обновувањето на манастирот Свето Преображение во неговото родно Крушево, над кое сега се издига 33 метарски крст, како исполнување на неговиот сон.

Тоше остави длабока трага во срцата на луѓето и многумина го чувствуваа како свој најблизок. Обожавателите го прогласија за ангел, а неговото вечно почивалиште стана светилиште.

OhridNews