Двајца доктори по медицина, тројца стоматолози, една медицинска сестра и еден забен асистент ќе вработи охридскиот Здравствен дом, на неопределено работно време.

Од управата на оваа Јавна здравствена установа не информираа дека за приемот на новите медицински кадри, се објавени два засебни огласи, чии рок истекува во понеделник на 6-ти октомври 2014 година.

Според пропишаните услови, на првиот оглас за прием на доктори по медицина, можат да се пријават кандидати кои имаат диплома за завршен Медицински факултет, уверение за положен стручен испит, да се со лиценца за работа со и без работно искуство.

Според условите на вториот оглас за прием на стоматолози, медицинска сестра и забен асистент, кандидатите треба да ги исполнуваат општите и посебните услови за вработување.

Канидатите за работното место стоматолог треба да имаат завршено Стоматолошки факултет, положен стручен испит, лиценца за работа и работно искуство од најмалку 5 години во превентивна и школска стоматологија.

Кандидатите за работното место медицинска сестра треба да има завршено средно медицинско училиште отсек медицинска сестра и положен стручен испит, а истите можат да бидат со или без работно искуство, додека пак кандидатите за работното место забен асистент треба да имаат завршено средно училиште, положен испит за забен асистент и работно искуство од најмалку 2 години во струката.

OhridNews