Десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството 78 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.

Охрид за време на Втората светска војна се наоѓал под бугарска окупација. Партизанските единици го ослободиле градот на 15 октомври 1944 година, но за кратко време, бидејќи под притисок на германските сили тие се повлекле. По борбите меѓу партизаните и германските сили ноќта меѓу 7 и 8 ноември Охрид е ослободен од фашистите.

По повод 7-ми Ноември Денот на ослободувањето на Охрид, Општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија ќе реализираат повеќе свечености и настани.

Ќе се одбележи и патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“, а ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ на градските гробишта, градскиот парк, Основниот суд и дворот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“.

Во селото Рамне ќе се одржи Панихида пред споменикот на Јасна Ристеска, а ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обележјата од НОБ во Спомен паркот на Револуцијата

Во 12 часот во Општина Охрид е закажана свеченост по повод за 78 годинишнината од ослободувањето на Охрид. Во рамки на свеченоста предвидено е обраќање на градоначалникот Кирил Пецаков, пoтпретседателот на ОО на Сојуз на борци, Љубиша Машановиќ, како и културно – уметничка програма.

Попладнето од 17:00 часот ќе се одржи свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во спортската сала „Билјанини извори“, а свеченостите ќе бидат заокружени со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, во концертната сала на училиштето со почеток во 18:30 часот.

OhridNews