Во изминативе десетина години, повеќе од 140 лица од земјава ги поминале обуките на Македонската асоцијација на интернационални водичи на планина. Од нив, педесттина активни, од кои седуммина охриѓани, се одлучиле „лебот“ да го печалат од планинскиот туризам.
Како што вели Антонио Додевски, генерален секретар на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, обуките за водичи на планина траат од една до две години каде посетепено се вежбаат неопходните техники потребни за планинскиот туризам.
„Се работи за професија која кај нас е нова, која делува помалку чудно, се уште постојат отворени прашања, а многумина ја поврзуваат со спорт. Во суштина ова е едно формално образование каде што постои можност за стекнување со меѓународен сертификат од кој може добро да се заработува.“ – вели Додевски.
Како што тој објаснува, секој млад и здрав човек со малку напор и вложување во себе, може да постане добар и квалитетен водич на планина.
„Она што е потребно е лицата да се полнолетни и да имаат завршено средно образование. Да понесат потврда од спортска медицина, дека можат да го понесат напорот за време на обуките. Исто така, добро е да се има познавање од планинските спортови, без разлика дали се работи за скијање, планински велосипедизам, планинарење или алпинизам. Најважно е да се има желба за разбирање на оваа професија. Водич на планина не е само титула, туку алатка и занимање преку кое луѓето можат да обезбедат сопствена егзистениција. Секој здрав човек и млад организам, апсуолутно може да ја заврши обуката и да биде квалитетен водич на планина.“ – објаснува Додевски.
Тој потенцира дека семинарите и обуките за водичи на планина кои неколкупати годишно се организираат во земјава, претставуваат доедукација на новите или постоечките водичи на планина.
„Оваа професија се движи во нагорна линија, со тек на годините се менува опремата, правилата, начините на работа и воопшто техниките. На овие семинари се работат токму тие теми и сите се потсетуваме не некој практичен или теоретски дел кој е добар за самите водичи.“ – завршува Додевски.
O.T.