Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
Претседателот Стево Пендаровски ќе положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на неговата делегација на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Делегации на Кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.

Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово пешачеа и по падините на планината Беласица. Тие се искачија на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.
Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
OhridNews












