Од утре секој прв ден во месецот ќе има бесплатен влез во дел од објектите под надлежност на НУ Завод и Музеј Охрид, информираат од Установата.

Во интерес на домашните посетители и желбата за поголема посетеност на музеите и галериите известуваме дека влезот ќе биде бесплатен секој прв ден во месецот, почнувајќи од први ноември 2022 година заклучно со први април 2023 година, велат од НУ Завод и музеј Охрид.

Објектите кои се опфатени се Музеј Куќата на Робевци, Самуилова тврдина, Музеј на вода – Градиште и Галерија на икони.

Ваквата можност за бесплатен влез секој прв ден во месецот во музеите и локалитетите кои се под надлежност на НУ Завод и Музеј – Охрид се спроведуваше и минатата година од октомври 2021 заклучно со мај годинава. Целта беше доближување на културното наследство до посетители, пред сè до локалното население.

OhridNews