Несовесните возачи кои ги паркираат своите возила на улица се главната причина поради која секојдневно има голем сообраќаен хаос на пресекот помеѓу улицита „Гоце Делчев“ и „Абас Емин“ кај вториот чинар во Охрид.

Жителите на стариот дел на градот велат дека надлежните мора да преземат мерки за надминување на оваа состојба.

-Значи се создава метеж до тој степен што се прават долги колони и се чека по повеќе од 15 минути. Ова е лоша слика за еден туристички центар како што е Охрид. Навистина треба да се преземат некои мерки за да се надмине оваа состојба со која секојдневно се соочуваме, се жали жител на стариот дел на градот.

Со проблем се соочуваат и туристите кои најчесто ја користат улицата „Абас Емин“ за пристап до стариот град со автомобил.

-Сместени сме во близина на Горна порта и до сега неколку пати во текот на претпладневните часови кога одевме на плажа, чекавме на крстосницата зошто имаше долга колона. На ниедно друго место во Охрид не ни се случува да чекаме како на ова место, вели турист од Србија, кој престојува во Охрид.

Од СВР Охрид велат дека Сообраќајната полиција е запознаена со овој проблем и дека секојдневно преземаат мерки за надминување на истиот.

-Во повеќе наврати во текот на денот е обезбедно физичко присуство на сообраќаен полицаец на овој потег од градот, кој ги предупредува возачите на паркираните возила да се препаркираат или да не се паркираат тука. Иако на тој потег паркирањето е забрането, во интерес на туристичката сезона се изрекуваат само усни опомени и на возачите не им се изрекуваат казни, објаснува Стефан Димоски потпарол на СВР Охрид.

Од Пајак службата која функционира во рамки на ЈП „Охридски Комуналец“ не информираа дека пајак возилото излегува на терен и подига возила само по пријава и налог од страна на Сообраќајната полиција. Од таму не можеа да ни обезбедат точен податок за бројот на неправилно паркирани возила кои биле подигнати во изминатиов период на потегот кај вториот чинар.

Е.М