Препишани извештаи, активности, потрошени пари на граѓаните, а никакви резултати- е карактеристика на Секторот за локален економски развој при општина Охрид. Која е користа на градот и граѓаните од постоењето на овој сектор. Очигледно таа корист не може да се види, затоа што не постои, рече на денешната прес конференција советникот Јованка Дамовска- Секулоска од ВМРО- ДПМНЕ .


Како што таа нагласи, изостанува основната улога на овој сектор како иницијатор, креатор и поддржувач на проекти и активности од областа на економскиот локален развој и туризмот.

– Надлежните во ЛЕР треба да сфатат дека туризмот во современи услови не се развива само со броење и регистрирање на сместувачки легла и наплата на туристичка такса, туку треба да има и поактивен пристап во подршката на туризмот преку креирање на нови туристички производи кои на потенцијалните туристи ќе им обезбедат нова вредност која ќе ги натера да дојадат во Охрид. Надлежните од ЛЕР, од нивните шетања по туристичките центри од опкружувањето за кои трошат пари од граѓаните, доколку би примениле барем дел од нивното искуство би значело добар импулс за развој на туризмот, рече Секулоска.

Според неа, трошење на буџетските пари од 11 милиони денари годишно за сомнителни активности е премногу од овој сектор и локалната самоуправа. Секулоска додаде дека  Секторот наместо да креира финансиски средства преку донации и  проекти кои ги нудат меѓународните фондови со кои ќе се финансираат инфраструктурни и капитални инвестиции во општината,  тој на готово троши пари од граѓаните.

– Единствена активност која ја реализира овој сектор секоја година е набавката на софтвер од 350.000 денари. Каков софтвер, за чии потреби и од каде се набавува. Очигледно станува збор за софтвер кој треба да создаде виртуелна слика за изобилство на проекти за развој на туризмот, чии резултати може да ги видат само надлежните во ЛЕР и локалната самоуправа. Секторот и натаму добива подршка од градоначалникот што го става како директен виновник за бескорисното и на моменти сомнително трошење на парите на граѓаните, истакна Секулоска.

OhridNews