Струшкиот градоначалник Зијадин Села ќе ги тужи лидерот на ДПА, Мендух Тачи и пратеникот Орхан Ибраими за прекршување на статутот на ДПА, објави „Дневник“. Села ќе бара судска разврска, бидејќи, според него, Тачи надвор од статутарните одредби го закажал шестиот конгрес на ДПА.

-Веднаш по конгресот ќе поднесам тужби до Тачи и Ибраими зашто прекршија неколку члена од партискиот статут. Тачи закажа конгрес без да одржи изборни собранија на подразграноците, нема евиденција на членството и нејасно е кој ги делегира делегатите за конгресот. Ако Тачи не отстапи, тоа ќе биде нелегитимен конгрес – вели Села.

Тој обвинува дека е нејасно дали Тачи ќе одржи редовен или вонреден конгрес. Села тврди дека не може да биде редовен конгрес зашто за тоа нема одлука на Централното собрание, а не може ни да е вонреден, бидејќи во таков случај Тачи требало да поднесе оставка, а тоа не е случај.

ДПА веќе информира дека шестиот партиски конгрес ќе се одржи на 12 октомври. Познато е и дека за конгресот има одлука на Централното собрание и оти оттогаш сите партиски тела се во мирување. На конгресот 683 делегати ќе избираат партиски лидер, а единствен кандидат засега е актуелниот Мендух Тачи.

OhridNews

Извор:„Дневник„