Кошаркарската репрезентација на Македонија со триумф над Словачка (74-66) ги започна мечевите во претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2021 година. „Црвено жолтите“ со играта најавија подобри денови за репрезентативна кошарка која бележеше слободен пад последниве години.
– Изигравме добар натпревар. Во секој случај, особено во првите три четвртини игравме одлично. Играчите го испочитуваа се она за кое се договоривме пред натпреварот. Игравме одлична одбрана на Кјурик, успеавме да го отсечеме комплетно. Во последната четвртина малку ни опадна концентрацијата, тие погодија некои нелогични тројки. И покрај тоа, ние цело време имавме контрола над резултатот. Секако дека сум задоволен од играта и од победата, со мислите одиме понатаму. – изјави селекторот Јорданчо Давитков.
Капитенот на Македонија, Војдан Стојановски, кој уфрли 20 поени ја истакнува важноста на победа за престојниот меч со Швајцарија и оние кои следуваат потоа.
– Ова е важна и голема победа за нас, одигравме одличен натпревар, особено во одбраната. Во второто полувреме ние пропуштивме некои отворени шутеви, но сепак на крајот успеавме да победиме. Тоа е важно за нас. – рече Стојановски.
OhridNews