Многумина би рекле дека Охрид е ,,мртов” град за младите во зимскиот период и дека не се случува нешто интересно каде тие би можеле да го искористат своето знаење, да стекнат нови вештини и секако да им биде забавно. Но, со тоа не би се сложиле и волонтерите на Црвен крст Охрид кои се активни низ текот на целата година секогаш спремни за да стекнат нови искуства, вели Анастасија Стојаноска претседател на Клубот на млади при Црвен Крст Охрид.

Имено, над 15 нови волонтери се приклучија на големото семејство на Црвен крст преку  онлајн кампањата на Клубот на млади при Црвен Крст Охрид. За новите волонтери,  беше одржана општа дисеминација на која се запознаа со светското движење на Црвен Крст и Црвената Полумесечина од дисеминаторите Радмила Герасимова и Сара Коваческа.

Минатиот месец Клубот на млади креира кампања за нови волонтери преку која над 15 млади од Охрид на 14-18 години се приклучија на нашата голема фамилија. Пред сѐ, се грижиме сите нови членови да се запознати со движењето на Црвениот крст, основачот Анри Динан, нашите активности на локално, национално и светско ниво, како и добро познатите 7 принципи на Црвен крст: доброволна служба, универзалност, хуманост, непристрасност, неутралност, независност и единство, вели Стојаноска. 

Новите капацитети се потенцијални носители на идните хуманитарни активности, со кои се запознаваат на разни едукации и работилници, на кој главен акцент е психичкиот развој и менталното здравје кај младите лица. Од Црвен крст ги охрабруваат сите да им се приклучат во волонтеризмот, без оглед на возраста и професијата, за како што посочуваат заедно да се градат идните генерации на Охрид.

Овој период акцентот го ставаме на личниот развој на младите кои после пандемијата имаат огромна потреба да се стекнат со социјални и меки вештини. Темите на кои држиме едукации и работилници се: лоши навики кај младите, влијанието на социјалните мрежи, ментално здравје и справување со стрес, зависности (дрога, цигари, алкохол), работилници за организациски, говорни и меки вештини итн. Во моментов имаме околу 70 активни волонтери подготвени за нови предизвици, додава Стојаноска.

Неодамна беше одржана работилница во просториите на Црвен Крст Струга, на која заеднички младите волонтери од Охрид и Струга се стекнаа со нови вештини за организација на настани и активност. Од Клубот на млади посочуваат дека активностите ќе продолжат во текот на целата година, со цел младите лица да се едуцираат, но секако и да им биде забавно.

 

К.А.