На 5 октомври годинава ќе биде исплатена септемвриската пензија која е зголемена за 621 денар за секој пензионер во Република Македонија. Од следната година предвидено е за уште пет проценти да биде зголемена социјалната и постојаната парична помош. Со овие зголемувања бенефит ќе имаат вкупно 335 илјади граѓани, од кои 300 илјади пензионери, 30 илјади корисници на социјална парична помош и пет илјади корисници на постојана парична помош. Зголемувањето на пензиите и на социјалната помош е целосно буџетирано за 2016 година. Средствата за овие зголемувања се обезбедени и ќе бидат на време исплатени.

Ова на денешната прес-конференција го соопштија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека зголемувањето на пензиите ќе продолжи и следната година. – Исто така, во октомври 2016 година ќе бидат исплатени по 650 денари зголемени пензии за сите пензионери во Република Македонија. Средствата кои се потребни за тоа се обезбедени во буџетот, рече Ставрески. Тој нагласи дека продолжува грижата за најранливите категории на граѓани, како што се примателите на социјална и на постојана парична помош, оние кои се постари и материјално необезбедени лица.

– За нив оваа година исплативме зголемување од 10 проценти на паричната помош што ја добиваат од буџетот. И следната година во буџетот е предвидено за уште пет проценти да биде зголемена социјалната и постојаната парична помош. Од јуни 2016 година ќе исплатиме зголемена парична помош за сите приматели на социјална и постојана парична помош, рече Ставрески.

OhridNews