Ветувам работа, враќање на достоинството на Охрид и на охриѓани, отвореност, отчетност и искреност – без популизам и без манипулации, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата, Асен Шајн.
На крајот од оваа изборна кампања чувствувам обврска да ви се обратам не само како кандидат, туку како човек кој живее со вас, ги дели вашите предизвици и се бори за истите вредности – правда, чесност и напредок за Охрид. Изминатиов период бевме сведоци на нешто што навистина го потценува секој еден граѓанин на нашиот град. По години неработа, во последен момент започнаа проекти што одамна требаше да бидат завршени – без јасна визија и со единствена цел да се соберат политички поени, рече Шајн.
Иронијата е, вели, уште поголема кога ќе се сетиме како истите тие ја обвинуваа претходната власт за предизборно асфалтирање, а денес прават токму тоа – со лицемерие што не може да се сокрие.
Но, јас верувам во охриѓани. Во луѓето што секое утро чесно работат, создаваат и се грижат за својот град. Во младите што сонуваат да останат тука, во занаетчиите и семејствата што со труд го носат Охрид напред. Тие се вистинската сила на овој град – скромни, вредни и искрени луѓе што заслужуваат почит и подобар живот. Поради нив верувам дека можеме поинаку – со работа, ред и заедништво. Оваа кампања, за жал, покажа и нешто многу позагрижувачко – притисоци, уцени и манипулации врз граѓаните, поткупи и страв што се користат како средство за задржување на власта. Тоа не е демократија. Тоа не е локална самоуправа во служба на граѓанинот, рече Шајн.
Носителот на советничката листа Јане Тодороски истакна дека овие избори не се само натпревар на партии и кандидати – тие се избор за тоа кој навистина ќе работи за граѓаните на Охрид.
Како носител на советничката листа, мојата најголема одговорност и чест е да зборувам во име на тим луѓе кои веруваат во работа, отчетност и чесност. Јас сум човек што секојдневно живее меѓу вас – шетам по истите улици, ги слушам истите маки и ги делам истите надежи. Токму тие моменти ме натераа да застанам пред вас – не со големи зборови, туку со искрено срце и намера да направиме нешто што ќе остане. Советниците не треба да бидат неми гласови во сала. Тие треба да бидат гласот на народот – луѓето што секојдневно се соочуваат со проблеми со водовод, улици, отпад, урбанизам, образование и здравство. Нашата задача е да бидеме ваши очи и уши во институциите, да ги отвориме вратите што предолго беа затворени за обичниот човек, рече Тодороски.
Потенцираше дека секоја одлука што ќе ја донесат ќе биде во интерес на граѓаните, а не на поединци, дека ќе бидат совест на градот – коректив, чувар на јавниот интерес и поддршка за секоја добра идеја, без разлика од каде доаѓа.
Нашата сила е во тимот. Во луѓето што доаѓаат од различни професии, но ги обединува желбата за промена и љубовта кон Охрид. Во наставници, лекари, спортисти, млади и искусни граѓани кои не сакаат функции, туку фер општина. Веруваме во Охрид каде советот ќе биде место на дебата и решенија, а не на партиски калкулации. Општина што ќе слуша, ќе соработува и ќе гради – транспарентно, одговорно и со грижа за секој жител, од најмладиот до највозрасниот, потенцираше Тодороски.
Н.С.Ј.