Веќе неколку години во склоп на локалното Здружение на математичари од Охрид функционира Шаховската школа „Ласкер“. Околу 16 дечиња од градот неколкупати неделно се обидуваат да ја спознаат целокупната теорија на овој спорт, преку интерактивна работа со професорот Борис Лушески.
Во таа насока, изминатата недела во Охрид беше издадена книгата „Прирачник за шах“, чие издание наменето за најмладите категории ги соддржи основите на шаховската игра, основни завршници, 180 позиции за мат со решенија,како и 70 партии на познати шахисти.
„Потребни беа три години за да состави прирачникот, а во него е поместен материјал кој го имаме работено на часовите. Почетокот на книгата е посветен на основите на шахот, како изгледа таблата, како се движат фигурите, различни завршиници, печашки продори и сите елементарни основи кои секое дете мора да ги знае доколку сака да се занимава со шах. Исто така, помесетени се 170 мат позиции, поделени во три дела. Првиот соддржи мат позиции во еден потег, потоа во два потези, како и една новина, а тоа се голи мапи кои учениците сами треба ги избојат и откријат која фигура на кое поле стои.“ – вели Борис Лушески, автор на книгата „Прирачник за шах“.
Прва стручна литература по 20 години
Прирачникот е работен според едукативната програма на Република Хрватска, каде шахот се изучува како изборен предмет во склоп на образовниот систем. Лушески објаснува дека интересот за книгата е голем и кај повозрасната популација, со оглед на тоа што ваква стручна литература во земјава не е издадена од 1994 година.
„Во прирачникот детално се објаснети повеќе отворања како италјански и шпански отвор, руска одбрана, карлев гамбинг, игра на два скокачи, шкотска партија и друго. На крајот се поместени околу 70 партии шах на веќе одиграни турнири, различни замки и идеи, каде млладите можат да учат на туѓите грешки. На мое големо изненадување, книгата наиде на добар прием од јавноста. Десетици примероци се испратени и во Скопје, а цената е симболична колку за покривање на трошоците. Веќе е понудена на одредени дистрибутери, од коишто чекаме одговор со цел делото да биде достапно во слободна продажба. Засега, истото може да се набави преку Шаховската школа „Ласкер.“ – објаснува Лушески.
Нова генерација млади шахисти
Три пати неделно во просториите на ОУ „Братство Единство“ се одржуваат часовите по шах. Лушески вели една од примарните цели е развој на логиката кај младите уште од најрана возраст.
„Искрено интересот за шах во Охрид не е на посакуваното ниво. Мината година имавме 18 дечиња, грото остануваат, а оние кои завршија средно образование го напуштаат градот. Сепак имаме нови членови, кои почнуваат од нула. Часовите ги одржуваме три пати неделно, во понеделник, среда и петок од 19 до 20 часот за почетната група, односно од 20-21 за повозрасните. Новина е дополнителниот термин кој треба да обезбеди поголем континуитет за децата вистински да навлезат во шахот.“ – потенцира Лушески.
Општински натпревар по шах
На овогодинешниот општински натпревар по шах учествуваа 33 деца поделени во четири категории. „Такмичењето“ беше спроведено заедно со Бирото за образование, а во склоп на манифестацијата „За посреќно детство.“
„Натпреварот се одржа во ресторанот „Белведере“. Првата група беа 11 момчиња од 12-14 години, втората девет девојчиња на истата возраст, потоа пет учесници од 10-12 години и најмлата категорија од шест до осум години. Задоволен сум од начинот на кој младите го сфаќаат шахот, бидејќи се играше по правила на Шаховската федерација. Првите две групи играа по швајцарски систем, додека другите по бергеров. Морам да ги истакнам Филип Неделкоски кој освои максимален број поени и Дејан Ашимоски. Исто така, за пофалба се Симона Бошкоска од ОУ „Св. Климент Охридски“ и Кристина Митреска од ОУ „Христо Узунов“. Од помалите тука е Константин Лушески и Габриел Наумоски кои изиграа перфектно. Се истакнаа и најмладите, Игор Велкоски и Јулијан Матески од ОУ „Григо Прличев“, како и Андреј Кироски од ОУ „Христо Узунов.“ – вели Лушески.
Хуманост и дружење
Во изминатиот период, Шаховската школа „Ласкер“ беше дел од неколку манифестации во охридскиот регион. Примарна цел е анимирање на младите за овој спорт, но и поттикнување на хуманоста од најрана возраст.
„На зајдисонце во Трпејца учествуваме веќе неколку години, како еден вид на летна шаховска школа. Ова лето присуствуваа околу 25 дечиња, дел од Охрид, дел од самото село, но имавме и млади од Тајван и Србија. Беа доделени симболични награди, но пред се, настанот беше наменет за дружење и запознавање. Со Црвениот крст имаме традиционална соработка и секогаш сме дел од манифестацијата „За посреќно детство“. Хуманоста е пред се.“ – истакнува нашиот соговорник.
На Охрид му недостасува официјален шаховски турнир
Години наназад, охридските шахисти се обидуваат на едно место ги соберат неколкуте македонски клубови за време на патрониот празник на градот, „Св. Климент Охридски“. Лушески вели дека и покрај напорите, оваа идеја се уште е неостварена поради финансиски средства.
„Сакаме за време на патрониот празник на градот да организираме Куп во шах на национално ниво. Првично имаме одобрување од најголемиот шаховски расадник во земјава, „Алкалоид“, но проблем ни претставуваат часовниците кои ни се потребни за да организираме официјални турнири. Друг проблем е сместување на сите оние учесници, кои евентуално би пристигнале во Охрид. Тоа е моја неостварена желба, но се надевам дека во блиска иднина, со заеднички сили ќе успееме да организираме еден ваков силен туринир токму на 8-ми декември.“ – вели Лушески.
Младите заминуваат од градот
Изминатите години охриѓани се покажаа во одлично светло пред своите врсници од земјава, откако Јана Ангелкоска го освои првото место на Отвореното државно првенство во шах до 12 години и достојно го претстави Охрид на едно големо Европско натпреварување. Но проблем за градот претставува тоа што дел од младите кои некогаш биле членови на охридската шаховска школа, не само што заминуваат да ги бранат боите на големите клубови, туку и трајно се иселуваат од Охрид поради егзистенцијални причини.
„Не само во шахот, туку тоа е тенденција во сите спортови и во самата сфера на живеење. На жалост, вториот професор кој работеше со мене, најде работа во Скопје. Нормално, дека на прво место е борбата за егзистенција, која не можеме да ја спречиме.“ – завршува Лушески.
О.Т.