Веќе три години во склоп на локалното Здружение на математичари од Охрид функционира Шаховската школа „Ласкер“. Околу 20-тина дечиња, неколкупати неделно се обидуваат да ја спознаат целокупната теорија на овој спорт, преку интерактивна работа со професорите Методи Ангелкоски и Борис Лушески.
Работејќи во скромни услови во просториите на Основото училиште „Братство Единство“ во Охрид, професорите од оваа школа целат кон развој на логиката кај младите охриѓанчиња, односно настојуваат децата побрзо да расудуваат.
„Од пред три години, во склоп на Здружението на математичари функционира и шаховската школа, која се води во просториите на ОУ Братство Единство од Охрид. Часовите ги води Методи Ангелкоски, професор на ФОН, а јас работам со помалите категории. Дечињата кои доаѓаат плаќаат симболична членарина, од која во иднина треба да се набават часовници за шах кои се доста скапи и достигнуаат цена од околу 60 долари. Бројката на млади постојано се зголемува, интересот е голем, а постои доста теорија која треба да се изучи. Шахот од 1999-та година е прогласен за спорт и оттогаш професорите по физичко образование се надлежните за истиот.“ – вели Борис Лушески, претседател на Здружението на математичари од Охрид.
Без никаква поддршка од институциите, младите охриѓани уште еднаш се покажаа во одлично светло пред своите македонски врсници, откако минатата година Јана Ангелкоска освојувајќи го првото место на Отвореното државно првенство во шах до 12 години, достојно го претстави Охрид и Македонија на последното Европско натпреварување.
„Поддршка немаме, а потребни ни се простории и услови. Се финансираме на свој грб, а функционираме благодарение на средствата кои се собираат за учество на натпреварите на локално ниво, односно по некоја донација од приватните фирми. Од Федерацијата ни беше ветено дека ќе добиеме некаква помош, но и тие се наоѓаат во лоша состојба. Единствена школа сме која нема велемајстор кој работи со децата, а минатата година сите беа изненадени од нас на државниот натпревар. Нашите деца ги победуваа своите противници постари по неколку години, а буквално бевме сензација на овој настан. Јана Ангелкоска, која се натпреваруваше до 12 години, го победи дури и првакот во машка конкуренција, со што доби услов да се натпреварува на едно Европско првенство. Како за прв пат, достојно го претстави Охрид во Европа, со оглед на лошите услови со кои располагаме. Девојчето доби понуда од ШК Алкалоид и во идина ќе го претставува скопскиот клуб на натпреварувањата, доколку сака да се натпреварува во рамки на федерацијата. Ние се уште не сме клуб и поради тоа можеме да учествувавме само на отворените и поединечните првенства во земјава.“ – потенцира Лушески.
Една од целите на Шаховската школа „Ласкер“ од Охрид е да се анимираат младите, да се поттикне логиката и брзото расудување. Како што објаснува Лушески, најголема соработка постои со нивните колеги од Струга, а за 8-ми декември постојат напори во Охрид да се доведат неколку македонски шаховски клубови од Скопје, Прилеп и Неготино.
„Алкалоид е фирма која највеќе вложува во младите категории, а нивна делегација беше присутна токму во Охрид. Се обидовме да ја потурнеме работата, да го донесеме барем Шаховскиот куп во нашиот град. Најавено е со федерацијата на училишни спортови на Македонија, „Гимназијадата“ да се оддржи во Охрид, а се прават напори во нејзини рамки да има шаховски натпревари. Но се зависи од средствата. Потребни се хотелски сали, топли простории и тука настанува најголемиот проблем. Исто така, треба да се направат услови за сместување на 60-тина деца. Како Шаховска школа се обидуваме 2-3 пати на годишно ниво да одиме на државен натпревар. На локално ниво, најголема соработка имаме со ШШ Струга, со кои си помагаме, разменуваме литература и знаење.“ – објаснува Лушески.
Во изминатиот период, ШШ „Ласкер“ беше директно вклучен во неколку активности низ Охрид, кои имаа за цел да ги анимираат младите за овој спорт.
„Едниот беше да се анимираат дечињата во градинките и тоа во периодот од 10-ти јуни до 28-ми јули. Тоа беа активности во ЈОУДГ Јасна Ристеска и во клонот Развигорче. Исто така, бевме поканети од Здружението на граѓани „Трпејца со љубов“, каде во летниот период организиравме вечерна школа за децата од месното население, но и за оние кои доаѓаа од различни градови. Работевме со 30-тина млади, беше забавно, а децата на еден начин научија брзо да расудуваат и ја развија својата логика.“ – вели Лушески.
За во иднина, плановите се ШШ „Ласкер“ да прерасне во официјален шаховски клуб, во кој ќе се работи не само со младите категории, туку и со повозрасните охриѓани кои би имале можност да се натпреваруваат во сениорска конкуренција и да ги бранат боите на градот.
„Се надевам дека во иднина ќе најдеме неколкумина кои ќе сакаат да ја поддржат школата, односно ќе можат да се натпреваруваат во сениорска конкуренција. Но сепак, потребни се финансии и добри услови. Оние повозрасните кои дошле, сакаат да се надградуваат и да научат нешто повеќе, односно да имаат пристап до литература и соодветен опонент. Сето тоа тешко оди, а за натаму ќе видиме. Како и да е, ќе учествуваме секаде каде што ќе можеме, како на отворените и поединечните државни првенства.“ – завршува Лушески.
О.Т.