Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ има двоцифрена предност од малку над 10-процнетни поени пред најголемата опозициска партија СДСМ, двојно од тоа е разликата меѓу лидерите на двете најголеми политички субјекти во земјата, Никола Груевски односно Зоран Заев, а уверливо мнозинство гласачи ја гледаат актуелната владејачка партија и како победник на предвремените парламентарни избори закажани за 11-ти декември, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мнение кои во саботата ги објави Институтот Павел Шатев, пренесува „Макфакс“.
Резултатите од анкетата телефонски спроведена во периодот од 26-ти до 29-ти септември врз 1.260 испитаници во сите шест изборни единици, како и повеќе релевантни демографски карактеристики на населението односно пол, возраст, и етничка припадност и со дополнителна поделба според руралните и урбани места на живеење, укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов ужива поддршка од 25,9 отсто, додека најблиска до неа е СДСМ со доверба од 15,7 отсто меѓу избирачите.
Меѓутоа, може да се забележи дека висок е и процентот на оние испитаници кои се изјасниле дека не би гласале за ниедна политичка опција – 24,3 проценети, како и оние кои уште не се одлучени – 20,5 отсто.
Од другите политички партии кои се јавуваат во одговорите на испитаниците следат двете партии на албанската заедница во Македонија, владејачката ДУИ со доверба од 5,1 отсто и опозициската ДПА со 2,7 проценти.
И лидерот на ВМРО ДПМНЕ е убеден дека неговата партија ќе победи на парламентарните избори во декември. На есенската сесија и на Парламнетарното собрание на ОБСЕ кое се одржува во Скопје Груевски истакна дека истражувањата покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе победи на претстојните избори на 11 декември со значајна разлика. Според Груевски то се должи на работата на владејаќката партија во изминатите десет години и спроведеувањето на многу реформи и проекти важни за иднината на земјата.
СДСМ, пак, со соопштение во јавност најави пораз на Никола Груевски на претстојните парламентарни избори.
„Обвинетиот Никола Груевски го очекува убедлив пораз на 11 декември. Наместо да си се лаже себеси со лажни анкети, Груевски нека си ја подготвува одбраната за на суд зашто дојде времето кога ќе одговара за сите криминали и прекршувања на законите што ги направи изминативе 10 години. Граѓаните веќе ја знаат вистината за обвинетиот криминалец Груевски, тие на своја кожа го чувстуваат пустошот кој го остави зад себе со неговите погубни политики. Помина времето кога Груевски можеше да фалсификува избори и да влече граѓани за уши на гласање. Граѓаните нестрпливо го чекаат 11 декември за да му покажат на Груевски што мислат за него и за неговите послушници. Тогаш ќе добие одговор и што мислат за богатењето на неговата фамилија и на неговата партија и за целиот грабеж на сметка на граѓаните кои тонат во сиромаштија.“- се вели во соопштението на СДСМ.
OhridNews