Шеесеттина цвеќиња денеска беа засадени во дворот на објектот „Лихнида“ при ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Во оплеменувањето и уредувањето беа вклучени сите- претставнците на Советот на родители, воспитувачките, членовите на Ротаракт клубот, директорката на градинката, но и најмладите кои изјавија дека со особено внимание ќе се грижат за засадените цвеќиња.


Како секоја година така и оваа со нашата програма за работа се опфатени вакви активности во сите објекти во рамки на градинката. И покрај тоа што години наназад работиме на заштитата на животната средина, оваа година екологијата се имплементира и во воспитно образовната дејност во градинките. Ваквите активности и соработки со родителите и невладините организации треба да продолжат и понатаму и преминат во традиција за доброто на децата, изјави директорката на градинката Марина Петроска- Тодороска.


Од Ротаракт клубот Охрид потенцираа дека ваквите акции се дел од годишната програма на клубот наменети за општото добро на заедницата.

Наша цел е преку ваквите активности да допринесеме младите од најмала возраст да се запознаат со природата, ја почитуваат и да садат цвеќиња, рече претседателот на Ротаракт клуб- Охрид, Драган Здравески.


Од советот на родители потенцираа дека секогаш ќе ги поддржуваат сличните акции. 

Голема благодарност до раководството на градинката и Ротаракт клубот за реализирањето на оваа активност. Ние како родители секогаш ќе ги поддржуваме акциите кои многу значат за нашите деца и се надевам дека во иднина ќе ги има во што поголем број, истакна Иван Цветкоски од Советот на родители при објектот „Лихнида“.


Додека едните садеа, останатите дечиња гордо ги покажуваа своите костими и маски специјално подготвени за одбележувањето на доаѓањето на пролетта.

OhridNews