Во Охрид започна 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На Школата којашто ќе трае до 28 август учествуваат 60 странски македонисти и слависти од 16 држави, коишто во Охрид доаѓаат да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура.

Најголема потврда за македонскиот јазик е афирмацијата на македонистиката, домашна и странска, особено таа река од седум илјади македонисти низ светот што постојано се шири и афирмира и ги носи основните постулати на светиклиментовата Охридска книжевна школa, рече во обраќањето директорката на семинарот, Кристина Николовска.

Пријавени се семинаристи од универзитетските центри од Албанија, Англија, Бугарија, Полска, Народна Република Кина, Романија, Канада, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република.

Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови посветеници на македонистиката коишто искажуваат подготвеност да остварат влог во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

Големиот интерес за Школата e уште една потврда за зголемениот интерес за македонистиката во меѓународната академска заедница, посочуваат организаторите.

На отворањето присуствуваа митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г.Георгиј, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, како и претсетаделот на Совет на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

OhridNews