Откако ВМРО ДПМНЕ ја има власта покажува целосна посветеност кон потребите на граѓаните, од друга страна, СДСМ не е политичка опција која му е потребна на народот, рече на денешната прес конференција Климе Шешоски од општинската ВМРО- ДПМНЕ.
– Денес, од нивна страна согледуваме промоција на лица за кандидати за пратеници од кои едниот е веќе докажан и најзаслужен за најмрачниот период за градот Охрид, а другиот е сосема анонимен лик на политичката сцена. Загрижува фактот што токму со вакви лица СДСМ сака да ветува многу, имајќи го пред себе фактот дека токму Томислав Тунтев воопшто не пристапил кон подобрување на било која сфера од делувањето на Локалната самоуправа, имајќи ги функциите на советник и заменик градоначалник. Банално е оправдувањето од страна на СДСМ за тоа дека од овие позици не можел да влијае врз одлуките на Петрески. Како координатор на советничката група на СДСМ можел јасно и недвослислено да се спротивстави на политиката која го донесе Охрид пред финансиски колапс. Останува прашањето дали со ваквите ставови Тунтев сака да се дистанцира од својот сопартиец и доскорашен негов шеф Александар Петрески и нивните заеднички политики, рече Шешоски.
Тој додаде дека од СДСМ се обидуваат со лаги, манипулации, лични навреди и дискфалификации да ги избегнат вистинските факти за нивните кандидати за пратеници, зад кои останале низа неодговорени прашања, низа нерешени проблематики, значајни за охриѓани.
– Останаа прашањата за милионските долгови направени од страна на СДСМ, прашањето за нивното мислење за покачување на платите на администрацијата и пензиите на пензионерите од страна на Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, остана без одговор и прашањето кон нив за тоа што се можело да се направи за инфраструктурата во градот со парите потрошени од нивните директори за репрезентации, службени патувања, мобилни телефони и сл. Одбегнувањето од одговорите на Тунтев и Танасоски кон овие прашања е и бегство од одговорност како и од политичкиот морал и кредибилитет, потенцира Шешоски.
Шешоски додаде дека охриѓани како и Цела Македонија во првиот круг на претседателски избори покажале која е нивната вистинска опција, а дека на престојниот втор круг од претседателските и парламентарни избори ќе потврдат дека единствена политичка опција на која и веруваат е ВМРО ДПМНЕ и кандидатите за пратеници од редовите на партијата- луѓе респектирани во својата средина, успешни бизнисмени, доктори, политичари кој транспарентно, посветено и отчетно ќе работат во интерес на државата и народот.
OhridNews
СДСМ: Дали за Шешоски „мрачниот период“ е истиот кога екс локалната му ги додели сите тендери?