До локалната самоуправа доставени се вкупно 12 апликации за највисоките општински признанија, наградата и повелбите „Св. Климент Охридски“. Од нив шест се за наградата Патрон на градот, а шест за повелбите.

Од локалната самоуправа информираат дека имињата на добитниците на највисоките општински признанија ќе бидат објавени на прес конференција која ќе се одржи утре со почеток во 13 часот.

Со наградата Патрон на градот  „Св. Климент Охридски“ се оддава највисоко признание за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината, што претставуваат посебен придонес за развој на градот и за нејзиниот севкупен придонес и афирмација во Република Македонија и светот. Наградата се доделува на еден добитник само еднаш и истата не може да се дели меѓу повеќе добитници.

Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината што претставуваат посебен придонес за развој на општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и светот, во изминатиот период.

Право на учество на конкурсот што беше објавен на почетокот на месец ноември, имаа установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани. Наградите традиционално ќе бидат доделени на празникот „Св.Климент Охридски“ – патронот и заштитник на Охрид.

OhridNews