Министерството за транспорт и врски обезбедни шест бесплатни проекти за изградба на куќи. Проект ќе може да добие секој кој е заинтерсиран и нема ограничување на локацијата за градење, информираа денеска од министерството.
Преку јавен конкурс Министерството за транспорт избрало идејни решенија со изработен проект за шест типа објекти со различна површина.
– Се работи за готови изработени проекти за куќи во кои се вметнати сите фази во изградбата: статика, електрика, машинство и противпожарна заштита. Проектите се за изградба на индивидуални куќи со површина од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 метри квадратни, рече министерот Владо Мисајловски.
Покрај намалување на трошоците за градење, посочи министерот, со оваа мерка ќе се намалат роковите за вадење одобрение за градење од причина што проектот е веќе познат на општината што го издава одобрението за градење.
-Тоа значи дека секој кој сака да гради куќа на пример од овој тип, ќе може од Министерството за транспорт да подигне готов проект и со него да поднесе одобрение за градење. Единствено инвеститорот ќе треба да изготви геодетски елаборат, појасни Мисајловски, истакнувајќи оти постои и можност да се направи корекција на основниот проект во зависност од сопствените желби и потреби на инвеститорот.
Според Мисајловски, со мерката за субвенционирање на проектите не сакаат да направат конкуренција на проектантските куќи, туку да им помогнеме граѓаните кои сакаат да заштедат во тек на градбата.
Ревизијата на проектите за куќите што ја побарало Министерството, како што информира, покажала дека се направени согласно сите градежни стандарди и параметри.
OhridNews