Со хепенинг што ќе се одржи денеска на Сараиште, ќе биде одбележан јубилејот 60 години од формирањето на познатиот охридски ансамбл „Билјана“ и 21-та годишнина од независноста на Македонија.
На хепенингот, што ќе се одржи во 18 часот, ќе настапат ансамблот „Билјана јуниор“, гимназискиот хор, Петар Нечовски, Емилија Ѓореска,  Катерина Бачевска, Ивица Стојановски ФИЦ  и други.
Охридскиот ансамбл „Билјана“, познат насекаде низ некогашните југословенски простори, пред 60 години беше формиран од Кузман Поп Стефанија, Сотир Димитроски – Сингл,  Бајрам Адем, Душко Мареноски, Ташко Петроски и Томче Луканоски за потоа да згасне во 2002 година.
Од пред две години нивниот пат го продолжува новиот ансамбл „Билјана Јуниор“, овој пат составен од група млади охриѓани, кои верно ги следат стапките на некогаш најпознатиот ансамбл на староградски чалгии.
OhridNews