Со помош на Агенцијата за вработување на Република Македонија, вкупно 6 охриѓани, успеале да се вработат во рамки на мерката „Субвенционирање на вработување“ чиј Јавен оглас беше објавен во месец мај годинава. Според Списокот на одобрени работодавачи кој е објавен на веб страницата на АВРМ, овие невработени лица се вработиле во три охридски фирми.

Инаку како што претходно објави OhridNews, за оваа мерка во предвидениот рок за алицирање, во Центарот за вработување во Охрид се пријавиле 23 невработени охриѓани и 6 охридски фирми.

Инаку оваа мерка се однесуваше на евидентирани невработени лица кои чекаат вработување повеќе од 5 години, кои се на возраст од 50 до 59 години и млади невработени лица на возраст до 29 години. Според условите на Јавниот оглас работодавачот кој ќе вработи невработено лице од овие категории треба да го задржи на работа најмалку 18 месеци и ќе добие финансиска поддршка за исплата на бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за едно лице, во првите шест месеци.

Исто така на јавниот оглас по оваа мерка можеа да се пријават и евидентирани невработени лица од ранливи групи како што се жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, самохрани родители, роми, жртви на трговија со луѓе и други ранливи категории. Работодавачот кој ќе вработи невработено лице од овие категории ќе треба да го задржи на работа најмалку 18 месеци и ќе добие финансиска подршка за исплата на бруто плата во износ од 14.000 денари месечно за едно лице, во првите шест месеци и по 3.000 денари месечна  партиципација на трошоците за прилагодување на лицето во работниот процес за првите шест месеци.

Освен за невработените кои аплицирале за оваа мерка, посебни услови беа предвидени и за фирмите кои пројавиле интерес за оваа субвенција.

OhridNews