Широкопојасниот интернет го менува светот, истакна  Стивен Конрој, министер за широкопојасен интернет, комуникации и дигитална економија, заменик претседател на Владата во Сенатот и помошник министер на премиерот за дигитална продуктивност во Владата на Австралија, кој учествува на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет, која денеска заседава во Охрид. Тој денеска оствари средба со македонскиот министер за информатички технологии, Иво Ивановски.
– Од Охрид ќе биде испратена порака дека широкопојасниот интернет ќе го промени начинот на кој живееме, начинот на кој ќе се образуваат децата, дури и здравствената заштита. Македонија, како и Австралија веќе ја применуваат најновата технологија и располагаат со широкопојасен интернет, а оваа средба е добра прилика да ги споделиме нашите искуства, бидејќи  многу работи можеме да научиме едни од други и да ги споделиме, рече Конрој.
Стивен Конрој е прв австралиски министер кој престојува во официјална посета на Македонија. Тој истакна дека му претставува особено задоволство што е тука, затоа што, како што рече остварува блиски контакти со македонската заедница во Австралија, која е најбројна во светот која живее надвор од Македонија.
Министерот за информатичко општество, Иво Иваноски, истакна дека  Австралија веќе има развиена мрежа на широкопојасен интернет и дека е лидер во светот, но и дека Македонија има со што да се пофали.

-Со проектите што ги прави Владата на РМ со либеризација на пазарот, со воведување на интернет киосците во 680 локации се овозможува веќе четири години граѓаните во руралните средини да користат широкопојасен интернет. Тоа е проект со кој ние веќе влегуваме во книгата на ОН за успешни приказни каде што ќе можат и идните земји кои имаат заложби за широкопојасен интернет да се послужат и со овој пример како еден модел за овозможување на своите граѓани да користат брз интернет, посочи министерот Ивановски.

Г.М./Е.М.