Составот на Шкупи поранешна Слога Југомагнат без поголеми проблеми минатата сезона ја освои првата позиција во Втората лига и се врати во елитата. „Прошетувањето“ во Втората лига не го залажува клубот кој во Охрид кова тактика за опстанок без играње бараж средби.
– Нашата првична и главна цел во Првата лига е обезбедување на опстанок без дополнителни натпревари. Притисокот ќе биде голем можеби на нашата екипа и најголем бидејќи по пауза од неколку години се враќаме во елитата и сигурно нашите навивачи сакаат што подолго да се задржиме. – рече тренерот Зекирија Рамадани.
Трикратниот првак во националниот шампионат речиси со истиот состав од минатата сезона ќе се справува со екипите и предизвиците во Првата лига.
– Имаме искусна екипа и не ни требаат некои екстра засилувања. Контактираме со некои фудбалери, но се уште ништо е конкретно за да ги споменуваме нивните имиња. – изјави тренерот Рамадани кој ќе дебитира во елитата. – Верувам во себе и подготвен сум исто како и екипата, но ми се чини дека јас повеќе имам трема отколку играчите пред првите натпревари.
„Сино-белите“ в среда во Охрид ќе одиграат контролен натпревар со Младост кој исто така сезонава што измина обезбеди пласман во елитата.
Мх.П.