Многу позитивни пријатели пред една година ме прашуваат на утринско кафе во 7 сатот: еј, ај ако сакаш размисли шо фалиТ во градов? Тие активно и вредно работат на туристичкот пазар, им оди бизнисоТ. Немав инспирација, градот полека се будеше. Јас завршив со најслаткиоТ момент во охридскиот живот, пешачење низ охридската тишина. Уште бев занесен во охридскиот мир и убавина пред почетокот на бучавата од масовната парада на автобуси и туристи, пред сообраќајниот хаос низ улиците, пред одење како желки низ чаршија. Од што бев толку среќен во утринската празнина мозоков ми се блокираше. Им ветив дека ќе размислам и ќе разгледам низ светов.

Поминаа денови, недели, месеци. Се мислев долго време, упорно, напорно, фанатично, лабаво, креативно. Се ми помина низ глава. Не успеав да најдам некоја нова (туристичка) атракција за Охрид. Се веќе постојТ и се е измислено. Сите познати дестинации, метрополи се загушени со туристи, преполни со едно исто. Во Катар, во Кина, во Лас Вегас од лудило до детали се копирани Венеција, Амстердам, Париз, Лондон, Њујорк ко кич атракции. Што и да донесеш во Охрид, ништо не е веќе ексклузивно.

И наеднаш одговор ми даде природата. Пешачев низ шума и  брегови  покрај Северно Море во северна Холандија. Пред влез на една популарна плажа има нова изложба: морски отпад, океанско ѓубре од бродови, фрлени работи од луѓе по плаживе.

Се тоа што исфрла морето на брегот е залепено, врамено или врзано. Огледало на нашето невнимание и негрижа за планетава. Првите впечатоци се посебно силни, исклучително паметно, оригинално (ама и ова сигурно некаде пак го имаТ).

Но, каква случајност. Истиот ден кога ја доживеав оваа необична изложба, 21 јуни, се одбележуваше Денот на Охридското езеро. Драги охридски пријатели: направете покрај кејот, таму в центар, нешто слично. Во голема рамка: една влечка, пластично шише, резервна гума од кола, цуцла, парче од бебешка количка, пелена, филтер од возило, динамо кајш од кола, бришач, гајбе, железо од ограда, буре, седиште од камион, велосипед, пластичен стол, дрво од маса, скара, облека, дел од душек, рачка од шпорет, поклоп од бојлер, четка за заби, играчки. Се што ни носиТ нашето слатко, мило, кристално езеро, тоа да им го презентираме на туристите како слика. И да можеме сите секој ден да размислуваме како самите го загадуваме најголемото наше природно богатство – Охридско Езеро. Заради освестување. За сите повеќе заедно да се бориме за подобра животна средина. Без нашето езеро Охрид е ништо!

Од нешто негативно да направиме нешто позитивно. Уметност, култура, едукација, заштита на природата, се комплет во еден туристички пакет. Субвенции се загарантирани. Од Владата, од Европска унија, од Сорос, од Холандија, од Германија, Швајцарија, од Коста Рика, Канада, од зелени донатори. И екстра музеј да отвориме: „Ohrid Waves“ (Охридски Бранови) со автентична историска приказна од езерово. Виртуално, со 3Д изложба од езерскиоТ отпад. Дечки аирлија работа, еве нешто ново, шо фалиТ во Охрид. Да бидам реален, 10% за мене е доволно. Ок? Се гледаме на утрински чај.

Да живее Охридското Езеро!

Влатко, Амстердам

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите