Доминантно негативен став на граѓаните за капацитетот на општеството да се справи со предизвиците поврзани со зачувувањето на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, покажуваат резултатите од анкетата што изминатиот период ја спроведе OhridNews.

На прашањето: „Дали како општество поседуваме институционален капацитет, политичка волја и граѓанска свест за да го спасиме Охрид од губење на статусот во УНЕСКО?“, учествувале вкупно 1001 читател.

Дури 876, односно 88 проценти, одговориле „Не“, додека 125 читатели или 12 проценти сметаат дека општеството поседува институционален капацитет, политичка волја и граѓанска свест за справување со предизвикот.

Резултатите доаѓаат во период кога прашањето за заштитата на природните и културните вредности на Охридскиот регион повторно е во фокусот на јавноста. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на неодамнешната седница во Бусан одлучи регионот во оваа фаза да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, но пред Северна Македонија и Албанија остануваат бројни обврски и засилен мониторинг на нивното исполнување.

Ново анкетно прашање

OhridNews продолжува да го мери мислењето на читателите за актуелни теми од јавен интерес. Новото прашање е:

Дали електричните тротинети и слични возила, со оглед на начинот на кој се управуваат и лицата кои ги управуваат, претставуваат опасност во сообраќајот?

Читателите можат да гласаат во новата анкета на OhridNews.

Г.М.