Потребна е поголема ажурност на институциите и поголема одговорност на концесионерите за безбедни капалишта. Еден од сегментите за зголемување на безбедност е и ангажирање на спасители на плажите долж Охридското крајбрежје. Податоците за жал говорат дека мал број капалишта имале оваа сезона спасители на плажа, а имало голем број интервенции, посебно на извлекување давеници кои за среќа биле со позитивен исход.

На анкетното прашање на Охридњуз: „Дали сите плажи на Охридското крајбрежје треба да имаат спасители за поголема безбедност на капачите и рекреативците?“ позитивно се изјасниле 89% од нашите сограѓани, додека мал процент 11, негативно.

Оваа сезона на капалиштата на Охридското крајбрежје биле ангажирани од 15 до 20 спасители само на 12 од преку 35 капалишта. 11 капалишта биле со спасители до 1 август, од 1 август уште на едно капалиште плус имало ангажирано спасители. На истите спасителите имале 30 интервенции на извлекување давеници, а преку 1400 интервенции на укажување прва помош.

Ништо не заврши со фатален исход, спасителите беа на ниво на својата задача, интервенираа како што беше потребно и укажуваа прва помош. Оваа година, гледано нананзад во последните 5-6 години, е рекордна по бројот на интервенции на извлекување давеници, 30. Секоја година просечно сме имале од 18 до 22 интеревнции. И тоа станува збор за интервенции на само 12 капалишта, а на Охридското крајбрежје има преку 35 капалишта, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Потребно е, потенцира, сите капалишта кои се нудат за спорт, рекреација и капење да бидат безбедни, посочувајќи дека тоа е обврска на концесионерите или на сите институции кои се надлежни да ја контролираат безбедноста на капалиштата.

Ние се нудиме како даватели на услуги за безбедни капалишта во смисла на спасители на вода. Но, има и други сегменти кои се важни во поглед на безбедноста како обележување на капалиштата, разни реквизити за укажување какво е дното, знаци за забрането скокање и користење на реквизити на самото капалиште. Дефинитивно е потребна поголема ажурност на институциите, поголема одговорност на концесионерите и се тоа на крај да финализира со безбедни капалишта, додава Точков.

Следно анкетно прашање: Дали очекувате до 1 февруари 2026 да се исполнат барањата на УНЕСКО за зачувување на статусот на Охридскиот регион?

Н.С.Ј.