Неколку пати досега јавно повикавме и јасно ги наведовме законските одредби од Законот за градење по кои треба да се постапи со дивоградбите во Трпејца. Најкомпетентниот кој треба да ја разреши оваа ситуација е градоначалникот на Охрид, кој и самиот издал решение за рушење на дивоизградените објекти, а од само нему познати причини не пристапува кон извршување на решението кое самиот го издал, се наведува во отвореното писмо на пратениците Харалампие Шокаровски и Александар Николоски.

Тие уште еднаш го повикуваат градоначалникот на општина Охрид да пристапи кон извршување на решението за рушење на дивоградбите, како што потенцираат пратениците, кое самиот тој го донел, а во спротивно го повикуваат Државниот градежен инспекторат да ја констатира ситуацијата и да предложи натамошни мерки до Министерството за транспорт и врски.

Шокаровски и Николоски велат дека ги поддржуваат најавените протести на жителите на село Трпејца, имајќи предвид дека сите институционални мерки на борба од страна на општината и градоначалникот биле отфрлени.

– Само да потсетиме дека пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе предлог за ребаланс на буџетот на општина Охрид со кои се предвидуваа средства за рушење на дивоградби, истиот беше отфрлен. Исто така поденсе и предлог за разрешување на претседателот на советот на општина Охрид кој што исто така беше отфрлен. Затоа сметаме дека протестите на жителите на село Трпејца се целосно оправдани и ја имаат целата наша поддршка, стои во отвореното писмо од пратениците Харалампие Шокаровски и Александар Николоски.

OhridNews