Сите присутни салата “Борис Трајковски“ можеа само да уживаат во прекрасната спортска претстава во која што МЗТ Скопје го декласираше унгарскиот претставник Шолнок со преубедливи 87-53.

„Металците“ во голем стил стигнаа до својата шеста победа во единаесеттиот меч од АБА-лигата, во прекрасно светло претставувајќи ја македонската кошарка во регионалното натпреварување. За впечатокот на вечерашниот натпревар да биде целосен се погрижија Фемили Аеродром, кои што направија фантастична атмосфера и им помогнаа на избраниците на Алеш Пипан да го одиграат најдобриот меч оваа сезона.

Уште пред почетокот на натпреварот навивачите на МЗТ Скопје со громогласно пеење на македонската химна го најавија спекталот, на кој што на самиот старт се надоврзаа и кошаркарите, со двете тројки на Гечевски за почетно водство од 6-0. Фантастичниот центар го продолжи своето шоу со уште два погодени шута, постигнувајќи ги првите десет поени за МЗТ за водство од 10-2. Со фуриозна игра се продолжи во текот на целата прва четвртина, на која што точка стави Гечевски, кој со својата трета тројка осигура убедлива предност од 24-11.

Рапсодијата во сино-бело продолжи и во вториот период од мечот, па со тројката на Оташевиќ „металците“ стигнаа до убедливи 29-11. Гостите зедоа тајмаут, но и тоа не смени премногу, Кејд Дејвис погоди нова тројка за водство од 32-11. Како што одминуваше времето, предноста на МЗТ уште повеќе се зголемуваше, па на одмор се замина со фантастични 47-21 за македонскиот претставник во АБА-лигата.
 
Во манир на искусен тим, МЗТ Скопје рутински ја задржуваше оваа предност. Гечевски за момент затаи на почетокот од второто полувреме, но тука беа Дамјан Стојановски и Бакиќ кои ја одржуваа предноста околу 25 поени разлика. Тренерот Пипан реши да ја почне и четвртата четвртина со своите најдобри кошаркари, па позитивата на „металците“ скокна и преку 30 поени (76-42 на почетокот од 35. минута). Во самиот финиш повлечен од игра беше Гечевски, но тоа не им пречеше на кошаркарите на МЗТ во голем стил да го привршат мечот, завршувајќи го со убедливи 87-53.

“Екипа.мк“