Без ниту еден глас против, Сенатот во Шпанија го ратификува протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, со што е остварена и последната ратификација на протоколот.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор, Емилио Лоренцо Сера, изрази благодарност до Шпанија што ова прашање беше ставено на дневен ред во околности кога Европа и Шпанија се соочуваат со пандемија на коронавирусот.

Во наредниот период се очекува Шпанија да го депонира инструментот на ратификација во Стејт департментот, Вашингтон да ја испрати информацијата до НАТО во Брисел со што Македонија и официјално ќе биде поканета да го депонира законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој беше усвоен во Собранието.