Репрезентацијата на Шпанија е старо новиот европски првак. Во финалето во Киев, Шпанија со 4-0 (2-0) ја демолираше Италија. Шпанија е првата репрезентација која триумфирала на три последователни големи натпреварувања, и успеа да го одбрани европскиот трофеј освоен 2008 година во Австрија и Швајцарија.


Перфектни први 45 минути одиграа Шпанците кои умешно ја казнуваа секоја италијанска грешка. Во раната фаза од мечот Фабрегас профитираше од невинамателноста на Кјелини, одигра повратна за Силва кој со глава ја затресе мрежата на Буфон. Голот на Силва е втор најбрз гол во финалето по оној во финалето 1980 на Хорст Хрубеш за Германија против Белгија.


По примениот гол, “аѕурите“ се отворија имаа серија напади кон голот на Касиљас, но не успеаа да го совладаат. На истекот на првиот дел, одличен контранапад на фуријата, Иниеста го проигра Алба кој изби сам пред Буфон и рутински го совлада.


Прандели кој комплетно ја згреши тактиката во финалето, на полувремето го уфрли Ди Натале, кој имаше можност но Касиљас уште еднаш ги стопираше Италијаните. Нешто подоцна Тиаго Мота го замена Монтоливо, но не помина долго се повреди и “сините“ од 64 миунта останаа со десет играчи на теренот.


До крајот на мечот “фуријата“ ја наметна својата “тика-така“ игра недозволувајќи никаков пресврт. На шест минути пред крајот “шпанската“ доминација ја круниса Фернандо Торес кој  со третиот погодок на шампионатот ја зголеми предноста. Торес е првиот фудбалер кој успеал да постигне погодоци на две финалиња на европските првенства.


Истиот фудбалер неколку минути подоцна му асистираше на Хуан Мата кој го комплетираше “покерот“ во италијанската мрежа.

М.П.