Еден меч и еден пораз беше доволен до минимум да ја намали ракометна еуфорија во Охрид, во нашата земја, а најмногу на социјалните мрежи кои почесто се користат за стручни анализи, отколку за примарната работа за која се наменети.

Пулените на Жорди Рибера ни одржаа час по модерен ракомет во Вараждин и ни ги скратија крилата кои ги добивме по фантастичните натпревари и пред се` резултати во Загреб. Добро е што „црвено жолтите“ уште во првиот меч од главната фаза го искористија џокерот за слаб натпревар и сега сигурно со други мисли и мотиви ќе им пристапуваат на престојните натпревари.

Никако, никогаш и никој не може да ни ја одземе вербата во ракометните „воини“ на Раул Гонзалес кои во трите мечеви во Загреб ја поместија границата на нашите желби и можности.

Поразот ќе се заборави, само дај боже повредата на Кирил Лазаров да не биде фатална и да не ги пропушти следните два мечеви со Чешка и Данска кои ќе одлучуваат за нашиот пласман во групата од главната фаза.

Но, и да се оствари најцрното сценарио во ситуацијата со Лазаров, не смее никој да го крене белото знаме, бидејќи тогаш ќе играме и за капитенот кој не се откажува и самите ние кога креваме раце.

Напред Македонија !

Михаил Постоловски