Изворите од кои населените места се снабдуваат со вода треба да се соодветно заштитени, за да се спречи било какво надворешно влијание што може да предизвика загадување. Ова се предвидува со новиот Закон за води, согласно кој, надлежните институции и јавните претпријатија за водоснабдување треба да изготват студија за заштита на изворите. Исто така, треба да бидат прогласени три зони на заштита, а првата, најстрога, предвидува и заградување на извориштата со високи мрежи со цел да се спречи евентуално загадување од животни и луѓе. На овој начин според експертите ќе се заштитат и познатите Билјанини извори од кои Охрид се снабдува со вода, по чие течение се шета стока која се чува во импровизирани услови.

– Моментално ние се соочуваме со градби кои биле изградени во минатото каде сега се чува стока и тоа претставува потенцијална опасност. Тоа ќе се среди кога ќе се издиферинцираат трите заштитни зони, со што ќе се знае што и каде треба да се интервенира, изјави Д-р Ленче Локоска од Хидробиолошкиот завод Охрид.

Со проблемот е запознаен и општинскиот инспекторат, од каде информираат дека се предвидува дислокација на објектите во кои се чува стока по течението на  Билјанините извори. Експертите предупредуваат дека покрај физичка заштита, исклучително важно е и да се рационализира користењето на подземните води, за да не дојде до нивно пореметување, што може да предизвика катастрофални последици.

-Подземните води мора да се внимава како се користат. Во сушен период не смеат тие целосно да се експлоатираат затоа што може да ги пресушиме целосно изворите, укажува Д-р Локоска.

Долготрајната суша изминатата зима сериозно ја намали издашноста на Билјанините извори поради што јавното претпријатие Водовод мораше да ги вклучи пумпите од станицата кај Метропол која црпи вода од Охридското Езеро. Пролетните дождови значително ја подобрија хидролошката состојба во Охрид, кој изобилува со квалитетна вода за пиење, но големите осцилации кои во последните години стануваат се поинтензивни, опоменуваат дека питката вода треба многу повнимателно да се експоатира и заштитува.

Горан Момироски