Четири фудбалери кои секој на свој начин ги одбележа своите фудбалски кариери. Но што е тоа што ги поврзува овие четири фудбалери. Двајца се пензионирани (Алесандро Костакурта и Теди Шерингам), додека двајца (Хоакин Санчез и Клаудио Пизаро) се уште „шутираат“. Имено, овие четири фудбалери се највозрасни стрелци во првенствата во кои настапува(ле)ат.

Алесандро „Били“ Костакурта со 41 година и 25 дена беше стрелец на гол против Удинесе на 19 мај 2007 година, на неговиот последен меч во кариерата. Италијанскиот интернационалец целата фудбалска кариера ја помина во Милан. Во 20 години освои седум титули во Серија А исто колку и Паоло Малдини, една титула има во Купот на Италија, две во европскиот Суперкуп и пет пати триумфираше во ЛШ (1988/89, 1989/90, 1993/94, 2002/03, 2006/07) За италијанската репрезентација во периодот од 1991 до 1998 година одигра 59 меча, постигнувајќи два гола. Беше стандарден во дресот на „аѕурите“ на Мундијалот 94, а финалето кое Италија го загуби од Бразил на пенали со 3-2 го пропушти поради суспензија.

Теди Шерингам со 40 години и 268 дена е највозрасниот стрелец во Премиер лигата. Тој погоди во дресот на Вест Хем против Портсмут на 26 декември 2006 година. Шерингам кариерата ја започна во Милвол, каде со 111 постигнати гола е втор најдобар стрелец во клубот. Потоа замина за Нотингам Форест, каде беше стрелец на првиот гол за клубот во Премиерлигата. Пет сезони го носеше дресот на Тотенхем , пред да потпише за Манчестер Јунајтед. Тоа е најплодниот период во неговата кариера, освојувјаќи три титули во Англија, ФА Купот како и Лигата на шампиони во легендарниот меч на „Ноу Камп“ против Баерн Минхен со 2-1. Шерингам беше стрелец на еден и асистираше при постигнувањето на вториот гол. Во 2001 година беше избран за најдобар играч во Лигата. Потоа настапуваше повторно во Тотенхем, па Портсмут, а фудбалската кариера ја зарвши во Вест Хем. За Англиската репрезентација одигра 51 меч, постигнувјќи 11 гола. Беше дел од селекцијата на СП 1998 и 2002, како и ЕП 1996 во Англија.

Легендата на Вердер, Клаудио Пизаро е највозрасниот фудбалер кој постигнал гол во Бундеслигата. На 19 мај 2019 година погоди во дресот на Вердер против Лајпциг на возраст од 40 години и 227 дена. Перуанскиот интернационалец „држи“ уште неколку рекорди: тој е странецот со најмногу настапи и постигнати голови во Германија, првиот фудбалер кој во 21 календарска година постигнал најмалку еден гол. Со 108 постигнат гола тој е најдобриот стрелец во историјата на Вердер, тим за кого се уште настапува. Најблескавите моменти во својата кариера ги помина во дресот на Баерн Минхен. Во 2013 година беше во тимот кој ја освои тројната круна. Шест пати ја освојувал Бундеслигата и Германскиот куп. Најголемиот успех со перуанската репрезентација (85 меча , 20 гола) му е третото место на Копа Америка во 2015 година.

Хоакин Санчез Родригез е највозрасниот стрелец во Ла лига. Тој на мечот против Атлетико Билбао одигран на 8 декември. постигна не еден туку три гола со што е и највозрасниот фудбалер кој постигнал хет трик во Шпанија. Тоа му успеа со 38 години и 140 дена. Најголемиот успех во „зелено-белиот“ дрес му е триумфот во Копа дел Реј 2005 година. Во својата кариера играше уште за Малага, Валенсија, Фиорентина, а во моментов е дел од тимот на Бетис со кого има договор до 2021 година. По бројот на одиграни мечеви 554 се наоѓа на третата позиција на вечната листа во Шпанија, пред него се легендата на Реал, Раул со 560 и голманската легенда на Барселона Андони Зубизарета со 622 одиграни натпревари. За „црвената фурија“ во периодот од 2001 до 2007 година одигра 52 меча постигнувајќи 4 гола. Беше дел од СП 2002 и 2006, како и ЕП 2004. Тогашниот селектор Луис Арагоњес не го повика со што ја испушти златната епоха на Шпанија која доминираше во светскиот фудбал од 2008 до 2012 година, освојувајќи две европски и едно светско злато.

И за крај надвор од конукренција, највозрасен стрелец на Светските првенства е камерунецот Роже Мила. Тој на мечот против Русија 6-1 беше почесен стрелец на голот постигнат со 42 години и 39 дена. На истиот меч поставен беше уште еден „стрелачки“ рекорд, имено Игор Саленко пет пати погоди за „зборнајата“ што е рекорд по бројот на постигнати голови од еден фудбалер на еден меч од СП.

OhridNews