Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов изрази очекување дека изборите да поминат во демократска, фер и мирна атмосфера, а оние кои ќе ја добијат довербата на граѓаните, потоа се должни да ги остварат сите ветувања што ги дадоа за време на изборната кампања.

„Очекувам овој изборен ден, исто како и првиот круг на претседателските избори да помине во демократска, фер и мирна атмосфера, атмосфера што и доликува на една европска земја, на европска Македонија. По изборите очекуваме сите кои ќе ја добијат довербата на граѓаните да ги остварат сите ветувања што ги имаа во кампањата, за да имаме успех и просперитет на цела Македонија и на сите граѓани“, порача Иванов.

Кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски, изрази надеж дека изборниот ден ќе помине во мирна атмосфера.

„Во изминатите денови и недели бевме сведоци дека немаше ниту еден ден од предизборниот период во кој немаше кршење на изборните регулативи. Искрено се надевам дека барем изборниот ден ќе помине во мирна атмосфера како што и доликува на една држава која треба да биде европска и демократска“, изјави во недела Пендаровски по гласањето во месната единица Автокоманда.

OhridNews
извор:„Макфакс“