Според последните измени во однос на трансфузиолошките служби во Македонија,  од 1- ви јануари на ниво на земјава функционираат четири регионални центри и тоа во Битола, Штип, Скопје и Тетово.

За разлика од изминатиот период кога постапката за организирање крводарителски акции беше многу поедноставна, со новите измени, за секоја акција потребно е да се добие одобрение од регионалниот центар. При тоа собраните единци крв наместо да се обработуваат како до сега во Охрид, тие мора да се транспортираат до Државниот центар за трансфузиологија, кои потоа потребните единици крв ќе ги доставуваат одделно по градовите.

Досега можевме да организираме крводарителски акции за многу кратко време, што се вика од денес за утре. Сега треба да помине најмалку недела дена за да го добиеме потребното одобрение и регионалните центри да се вклучат во организацијата. Дури и оброците за крводарителите ќе се подготвуваат и носат од Скопје. Сепак останува времето да покаже каков ќе биде резултатот од воведувањето на новите измени, вели секретарот на општинскиот Црвен крст, Антонио Додевски.

Според Глигор Новачевски, стручен соработник од Црвениот крст на Република Македонија, со новите измени Охрид  заслужува  да биде еден од регионалните трансфузиолошки центри .

–    Охрид е еден од најактивните градови што се однесува на бројот на организирани крводарителски акции во текот на годината, а го посетуваат и голем број гости во летниот период, па согласно тоа и потребните единици крв се поголеми, вели Новачевски.


Крводарителството во Македонија-актуелни состојби и предизвици и Стратегијата за крводарителство 2010-2015 година, беа темите на кои се говореше на денешната трибина организирана во просториите на општинскиот Црвен крст.

Учествуваа претставници на Црвен крст на Македонија, Институтот за транфузиона медицина Скопје, повеќекратни крводарители, мотиватори, здравствени работници.

Т. Кувенџиска