По одредувањето на локацијата и расчистувањето на местото започна процесот на реализација на проектот од Фудбалската федерација на Македонија, Општината Охрид и Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ за изградба на терен во Охрид со вештачка трева.

– Започна остранувањето на ѓубриштето и полека ќе се приспособи местото за тампонирање, а потоа за местење на вештачката трева. Охрид ќе добие модерен фудбалски стадион, кој во зимскиот период ќе биде вистинско освежување за сите екипи кои ќе го одберат нашиот град за подготовки. Ние уште од сега го нудиме како солуција за зимскиот период на екипите кои веќе беа во Охрид на подготовки – рече в.д директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“, Ристе Мишев.

– Ја поддржувам идејата и реализацијата на проектот фудбалски терен со вештачка трева во Охрид. Со добивање на ваков стадион ќе имаме поквалитетен тренажен процес и подобра работа со младите категории. Од туристички аспект Охрид со овој терен но и со понатамошно континуирано подобрување на фудбалската односно спортска инфраструктура треба да стане најпосакувано место не само за македонските екипи туку и пошироко – потенцираше Игор Настоски, тренер во фудбалската школа „Фер Плеј“.

– Со изградбата на овој терен со вештачка трева конечно сите фудбалски школи во Охрид ќе имаат одлични професионални услови за работа. Ова се се` прави за младите кои ќе можат да тренираат на стадиони на кои ќе се фокусираат на играњето фудбал и на ништо друго – истакна координаторот во Детската лига за југозападниот регион, Наум Јанкуловски.

Мх.П.










