Нова година е, време за малку мечтаење и фантазија. Познатите личности од јавниот живот на Охрид и Струга ги запрашавме какви желби имаат и што посакуваат од Дедо Мраз.
Еве за што сонуваат познатите.
Стрезо Стаматоски – актер: „Од Дедо Мраз, како во изминативе 20тина години, така и во новата 2014 година, сакам да ме направи да бидам супер херој! Но не како Супермен или Спајдермен, туку да имам моќ да можам да јадам што сакам и колку сакам, а да не можам никако да се здебелам! :)“
Нина Кепеска ПР менаџер: „ Дедо Мраз годинава го сретнав на славниот Тајм Сквер, Менхетн во срцето на Њујорк, во центарот на светот. Чекајки ја Новата 2014 година со милиони американци и туристи од сите меридијани, заедно со пријателите од Охрид од школските денови си посакав три желби..Велат доколку се кажат, нема да се исполнат, најдобро е да си ги чуваме во срцето, но јас само ќе навестам дека едната е поврзана со љубовта, втората со семејството, а третата со домот. Доколку овој американски Дедо Мраз ми ги исполни новогодишните желби посакани во урбано-романтичниот Нјујорк, ќе ги откријам и јавно. Happy New Year!“
Лејла Гогова – водителка: „Како и секоја година што останува зад нас, така и оваа ќе ја паметам по убавите моменти поминати со најмилите и пријателите, бидејќи сакам да живеам со убави спомени. Оние понеубавите, кои се неизбежен дел од животот и не се пријатни за сеќавање, ќе не направат посилни и помудри. Дедо Мраз не ми ги исполни сите желби во 2013 година, па затоа дел од истите ќе останат на листата желби за остварување во 2014. Мегу нив, да се почитуваме и сакаме, повеќе да се смееме и дружиме, да ни е подлабок џебот-колку за да му помогнеме на Дедо Мраз. 🙂 Да ги испратиме сите лоши спомени со старата! Да сме здрави и живи, Новата година да ја започнеме со љубов, надеж и верба во подобро утре, подготвени за нови предизвици! Среќна Нова 2о14!“
Dj Crazy Slave: „За почеток малу снег, не за друго да ја тргне маглава. Да продолжат Crazy журките, да се дружиме со позитивни музички вибрации, да имаме здравје, среќа, љубов, помалку злоба и љубомора. Да продолжат во животот да ме прават малите работи среќен. А да не заборавам и понатака да правиме прекрасни, вкусни, eлеганти и шармантни пицииии. Среќна Нова 2014!“
Ели Аин – уметник: “Оваа година посакувам конечно на сцена да дојдат вистинските вредности.
Оној хоризонт на очекувања би го исполнила со добро здравје, искреност, знаење, естетика, вкусни јадења, патувања…помалце предрасуди ..повеќе толеранција и многу многу љубов.”
Наумче Новески – Jimmy – колумнист: „Пред се здравје на сите нормално тргвам од потесната фамилија. Таа да ми е здрава и жива ќе имам сила за се да издржам и со се да се изборам во ова наше време невреме. Па зравје на сите роднини, пријатели па и непријатели, зш како здравјето така и тие ми давет сила за напред. Без здравје фурка е „све“. После то мир и појќе памет на оние шо грешеле, а се сметет за наши водачи во државава бар малку да мрдниме во 2014 година на поарно во смисла на финансиите, да имат поголема релаксираност и еднуш да доживејме во нашата НСРМ да живејме и спијаме на рајат без математики. Иначе на некој начин сакам шо побргу да ја заборам 2013-та зш поркај некој убај рабити, ми донесе многу премрежива во мојот живот, ама на некој начин сум и благодарен зш чим не ме убија тие премрежија ме напрај ја посилен и многу ме научија за понатаму во животот.“
Анета Јованоска – активист на Црвен крст и уметник: – „Дедо Мраз. Те молам во Новата 2014година немора да ми дадеш ништо што не заслужувам, но те молам немој да ми го земеш она што го имам. Среќна Нова година многу среќни мигови со своите најблиски на сите верни читатели што денот го започуваат со OhridNews“
Г.М.