Локалната и централната власт што поскоро да остварат средба на која ќе ги разгледаат причините поради кои владата одлучи да не и даде одобрение на општина Охрид за кредитно задолжување во комерцијалните банки со кои средства би се исплатиле заостанатите долгови, сметаат од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

– Ние гласавме и ја подржавме одлуката и искрено не сме среќни што Охрид не го доби одобрението за кредитот, но мора да се увиди каде се грешките- дали во поднесената документација, во договорната политика или пак во некои други сегменити кои се однесуваат на самата апликација, вели координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.
 
Од советничката група на СДСМ, одлуката на владата ја коментираат како неискрена игра и се надеваат дека проблемот би се решил по пат на понатамошна комуникација помеѓу релевентните фактори на локално и централно ниво.

– Ние бевме буквално запрепастени од содржината на писмото како одговор од министерството за финансии, бидејќи одлуката во советот беше донесена едногласно од сите советници. Не разбирам кое е оправданието на надлежното министерство, бидејќи цело време се постапуваше според укажувањата на владата за да може општина Охрид да земе комерцијален кредит за да се реши проблемот со заостанатите долгови, што е услов Охрид да влезе во втората фаза од децентрализацијата. Не можеме да ја сватиме оваа, во најмала рака, неискрена игра и се надеваме дека со понатамошна комуникација на релевантните локални и државни институции ќе се најде излез од оваа нејасна систуација, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Советниците нагласуваат дека во интерес на сите, независно од која политичка партија доаѓаат, е да се изнајде решение со кое би се надминал проблемот и општина Охрид конечно би го добила кредитот, а со тоа би влегла во втората фаза од децентрализацијата.

OhridNews