Што тоа му се случува на Охрид? Му се случува народ. Охрид деновиве е Македонија во мало и сега сите можеме да видиме до каде сме и каде одиме. Многу луѓе се изненадени но тоа сме.

Утрово групи млади лица исполегнати по тревата на кејот, уринираат по тревата, ја наводнуваат добро, квалитетно, вртат кругови на сите страни. На моја опомена, за дивно чудо без агресија ми викаат, а што да правиме, пијани сме, нема ни еден тоалет од плоштад до Горица. Отидов према Горица, флаши на сите страни, во автомобили од над 20.000 евра спијат по автомобили. Заостанати групи се допиваат, сите мислам малолетни.

Во каналот донесени сите глисери и јахти, е не може да одат надвор од границите. Мириса на бензин, темпирана бомба е каналот.

Сега да се вратиме на тревата која добро ја повадија младите, легнуваат и ставаат маси и столици тие кои излегле на плажа,тука јадат а покасно и поспиваат. Рај.

Заборавив да споменам утрото на стазата пензионери вежбаат, се одржуваат, тие се иднината и така треба.

На единствените тревнати површини кои не се изградени, а кои сами ги одржуваме паркираат мотори, коли и од тука на глисер. Возат глисери, мотори и коли од најнови брендови но паркинг да платат, тоа е луксуз. Ги прашувам дали може тоа да го прават кога одат во Хрватска, Грција и други дестинации. Нахални се, не смее збор да им кажете, бидејки нема да доаѓале повеќе.

За жал, јас ве убедувам дека овој мал круг луѓе, фрлаат лоша слика и за огромниот број совесни, чесни и скромни турист, домаќини кои можеби не се големи потрошувачи но знаат чесно да работат и чесно и да одмараат со своите фамилии.

Малку за полицијата. Јас знам дека има работа, но само нив со мерките не им е намалена платата. Но, не гледам дека нешто превенираат.

Еден пример.Застанав да купам овошје, карпуз. Човекот млад и ми вика: Г-дине јас сум од Струмица, ве молам останете со мене малку, сака газда на еден познат ланец маркети да ме тепа, сум сметал и сум му правел конкуренција. Јас се изненадив и викам, па што му сметаш, поблиску е пазарот него ти до неговиот маркет. Молим те, ми рече ќе ме врати во Струмица претепан, а јас имам дефект на комбево. Останав, и за 10 минути газдата доаѓа, и кога ме виде продолжи. Но јас го застанав и му викам: Дали е точно ова што ми го кажува дечково. Молк.

За жал овде нешто се случува. Овде треба привремена управа. Јас три пати се вратив да видам дали му се случи нешто на дечкото, немаше мобилен да ми се јави. Фала вика да не бевте вие ке ме претепаа. Изгледа знаат дека сте адвокат. Но јас сум убеден дека утрото со врски во полиција го имаат дислоцирано. Сега проверувам. И нема да застанам додека не го најдам дечкото од село од Струмичко, да видам дали сам заминал или го избркале, а не дај боже друго да направиле.

Додека го пишувам ова помина легендата на Охрид Коне со транзистор .Но него го опоменуваат, а тој пред 10.00 не пуштил музика, а овие што цела вечер завиваат по парковите, полиција ретко на нив реагираат.

На времето имаше еден Ариф од Воска и по тревата на кејот носеше стадо овци. Го казнуваа,но верувајте тој помалку неред оставаше од ова што сега се случува.

Флашите со пиво не до испијани, има еден генијалец од комуналната служба кој пред да ги стави во корпата ги празни на тревата.

Ако сите знаеме дека цела Македонија ќе е во Охрид зарем не можеше нешто повеке да сторат надлежните?

Доста е за денес. А и празник е и го честитам на сите граѓани и граѓанки, тажен сум за Охрид, нешто не е како што треба.

Александар Новакоски

Текстот е преземен од фејсбук профилот на Александар Новакоски со дозвола на авторот.

OhridNews