„Металците“ одиграа перфектно во првите три четвртини, но големиот пад во последниот период за малку скапо ќе го чинеше нашиот првак. Сепак, во клучните моменти блесна Чековски, прецизни од линијата за слободни фрлања беа Бакиќ и Оташевиќ, па МЗТ сосема заслужено се радуваше на нов триумф.
Уште од самиот почеток кошаркарите на МЗТ Скопје покажаа дека се решени да дојдат до позитивен резултат на овој натпревар. На почетното водство на Задар од 2-0 одговорија со сопствена серија од десет постигнати поени, предност што потоа знаеја како да ја контролираат во целиот тек на мечот. Во првото полувреме импресивен беше Кејд Дејвис, кој што им создаваше огромни проблеми на хрватските кошаркари во фазата на одбрана. Позитивата од 11 поени (25-36) во 19. минута од средбата набрзина се истопи, па македонскиот првак на одмор замина само со „плус четири“ (34-38).
Сепак, во третата четвртина можеше да се проследи лекција по модерна кошарка што избраниците на Алеш Пипан им ја одржаа на домашните кошаркари. Одбраната функционираше беспрекорно, во нападот се играше „шаренолико“, полнејќи го противничкиот кош од различни позиции. Ова придонесе пред крајот на третата четвртина предноста да изнесува огромни 23 поени (36-59), но токму од тој момент дојде до огромен пад во играта на МЗТ.
Задар го искористи тоа за најпрвин во финишот од третиот период да намали на 19 поени разлика, за потоа со фуриозна игра во последниот период домаќините да успеат да внесат неизвесност во самиот финип. За разлика од претходната четвртина, овојпат „металците“ не можеат да погодат ништо, додека на спротивната страна домаќините погодуваа и од далечина, и од рекетот. Сепак, во моментите кога беше најтешко блесна Чековски, кој што со неколку одлични игри во одбрана, но и низа офанзивни скокови во нападот им овозможи на Оташевиќ и Бакиќ со прецизно изведени слободни фрлања да ја осигураат победата на МЗТ Скопје.
Борис Бакиќ го одигра својот најдобар меч во дресот на „металците“, завршувајќи го дуелот со 19 поени и шест украдени топки, но улогата на херој сигурно му припаѓа на Чековски, кој што одново беше лидер на својот тим со 18 поени, 11 скокови, 3 асистенции и 2 украдени топки. Гечевски придонесе со 16 победи во овој триумф на МЗТ, додека Кејд Дејвис беше стрелец на 15 поени, поголемиот дел од нив во првото полувреме.
Македонскиот шампион по десет одиграни натпревари во АБА-лигата има одличен скор од пет победи и пет порази, а во следното коло на домашен терен ќе го пречека Шолнок, унгарскиот претставник што важи за еден од најслабите тимови во регионалното натпреварување.