Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје седма сезона по ред ќе настапува во јадранската конкуренција, откако управата на клубот и официјално го потврди настапот во АБА2-лигата.
– Ова за нас ќе биде ново искуство со оглед што досега бевме дел од најсилната конкуренција во ова натпреварување, но тоа нема да го намали ентузијазмот и желбата за надигрување на сите во таборот на нашиот клуб. И во следната сезона против себе ќе имаме реномирани екипи, меѓу кои ќе бидат и поранешни европски прваци како Сплит и Босна, што сигурно ќе бидат дуели примамливи за гледање како за нашите навивачи и симпатизери така и за неутрални спортски вљубеници кај нас. – стои во официјално соопштение од клубот на интернет стајтот.
– Средбите во АБА2-лигата воедно ќе бидат и шанса за стекнување искуство на помладите македонски кошаркари во нашиот тим, кои се надеваме дека ќе ги имаме во солиден број во следната сезона. Секако, амбициите ќе ни бидат еднакви на реномето кое МЗТ Скопје Аеродром го ужива на просторот на поранешна СФР Југославија. – дополнуваат од клубот.
МЗТ Скопје е во период на оформување на составот со кој следната сезона ќе имаат обврска да ја вратат титулата во „Јане Сандански“ и достојно да се престават во второто по ранг натпреварување под капата на АБА лигата.
OhridNews