Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје Аеродром е подготвен за новата натпреварувачка сезона, во која ќе настапува во четири натпреварувања –  во АБА лигата, во Еврокупот, во домашното првенство и националниот Куп.


Во однос на минатата сезона, клубот има нов тренер, Влада Вукоичиќ го наследи Алеш Пипан, додека во ростерот нови имиња се Стефан Синовец, Урош Лучиќ, Џастин Рејнолдс, Александар Костоски и Љубомир Младеновски.

МЗТ Скопје Аеродром првиот натпревар ќе го одигра на 6.октомври, кога на домашен терен против Унион Олимпија, ќе ја отвори сезоната во АБА лигата.

„Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број. Се наоѓаме во период во кој кај играчите постои позитивна трема, која е вообичаена за почеток на сезоната. Олимпија предводена од Алеш Пипан е првиот противник, тим кој е спој на млади и неколку искусни играчи, но доколку ние одиграме како во што тоа го правевме во подготвителниот период, тогаш сум оптимист и верувам во добар настап“, изјави новиот тренер на МЗТ, Вукоичиќ.

Капитенот на тимот, Тодор Гечевски, смета дека мал проблем на првиот натпревар може да претставува Алеш Пипан, кој добро ги познава играчите, чиј тренер беше до неодамна.

„Со максимално залагање фактот дека Пипан добро ги познава играчите нема да биде доволно МЗТ да биде победен“, рече Гечевски, кој истакна дека во АБА лигата екипата ќе се обиде да го повтори минатосезонскиот успех и повторно да избори пласман во Европкупот.

МЗТ во првиот натпревар нема да настапи комплетен, бидејќи во составот ќе ги нема повреданите Ѓорѓи Чековски и Кирил Николовски. Чековски за две недели треба да биде целосно подготвен, додека враќањето на Николовски се очекува до крајот на годината.

„Макфакс“